Петтото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон, Мобил Фестивал се одржа помеѓу 19-ти и 29-ти ноември во Скопје.

На 29-ти ноември, во 20 часот во Кино Фросина, МКЦ се одржа главната вечер на Мобил Фестивал 2014, на која се прикажуваа досегашните победници на Мобил Фестивал, потоа филмовите од џуниор, домашна, регионална и интернационална селекција и доделувањето на наградите. После доделувањето на наградите се одржa концерт на групата „Тотално Опуштање“.

Пристигнатите филмови беа оценети од интернационално жири во состав: : Арбен Жарку – директор на Косовскиот центар за кинематографија, Зоран Никодинов – експерт за медиуми, Бурим Муслиу – костимограф.

Добитници на наградите на Мобил Фестивал 2014 се следните филмови :

Награда за најдобар филм “Perpetoom”, Jose Tonny Marquez (Венецуела)

Награда за најинвентивен филм „Скршено време“, Haktan Kaan Icel (Турција)

Награда за најоргинална приказна „Аладин и волшебната канта“, Жикица Јованович (Србија)

Награда за најдобра идеа „Небитие“, Горан П.Вукелич, СГГУ „Здравко Цветковски“, „Ние сме најдобри“ (Македонија)

Награда за најдобар филм од Џуниор програмата „Екологија“, Стефан Митров, СЕТУ „Михајло Пупин“, „Ние сме најдобри“ (Македонија) – 3000 евра стипендија за студирање на Универзитетот ЕСРА

Крајниот рок за пријавување на Мобил Фестивал 2014 беше 20-ти ноември. Филмовите што ќе пристигнат после овој датум ќе влезат во конкуренција на Мобил Фестивал 2015.

Филмовите од јуниор, натпреварувачката, регионалната и интернационалната програма на Мобил Фестивал и оваа година ревијално ќе бидат прикажани и низ други градови во Македонија.

Мобил Фестивал е со меѓународен карактер и е единствен фестивал од ваков вид во регионот. Оваа година особен акцент беше ставен на регионалната соработка. Филмовите од Мобил Фестивал добиваат и своја промоција на најголемите светски фестивали од овој вид како International Mobil Film Festival од Сан Диего, САД, MINA (Mobile Innovation Network Aotearoa) од Нов Зеланд, Hong Kong Mobile Film Festival (HKMFF) од Хонг Конг, Seoul international Extreme-Short Image & Film Festival (SESIFF) од Јужна Кореја , CINEPHONE од Барселона, Шпанија, Teheran Mobile Film and Photo Festival од Иран, Mobile Motion Film Festival од Швајцарија и други.

Мобил Фестивал е во организација на КТ Филм&Медиа продукција и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

 

На 28-ми ноември се одржа проекција на филмови од програмата на Eye On Films Festival – Франција.

На 27-ми ноември во 16:00 часот во Кино Фросина, МКЦ се одржа работилница „Нов бизнис модел за дистрибуција на независни филмови“ со Nawid Sarem, проект координатор од Eye On Films, од Франција. Овој нов бизнис модел ги промовира дебитантските филмови и новите автори преку заедничка промоција на филмски фестивали и по медиуми од страна на локалните дистрибутери. Работилницата беше поддржана од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Програмата продолжи со проекција на филмови од програмата на Eye On Films Festival – Франција.

На 21-ви ноември во 15:30 часот во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Скопје, се одржа работилница за „Цртање анимација на смартфон“ со Димитар Димитров, аниматор од Бугарија, добитник на награда за најдобра анимација на фестивалот Hollywood weekly;

На 19-ти ноември во 14:00 часот во Универзитетот ЕСРА се одржа проекција на филмот „Изгубени во Босна“. Овој омнибус проект е направен со iPhone и iPad, од 11 студенти на Филмската Академија во Сараево, кои студираат на програмата film.factory. Оваа програма ја разви еден од најистакнатите филмски автори на денешницата, унгарскиот режисер Бела Тар.

Филмот што ја освои наградата за најдобра анимација на филмскиот фестивал Hollywood Weekly во Лос Анџелес ,краткометражна анимација „Денот на крвавите непца“, цртана на смартфон, од авторот Димитар Димитров од Бугарија, се прикажуваше на Мобил Фестивал 2014 во Скопје.

Авторот на филмот, Димитар Димитров беше специјален гостин на овогодинешното издание на Мобил Фестивал и одржа работилница на 21-ви ноември во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Анимацијата е направена според расказот на Дилијан Еленков. Во „Денот на крвавите непца“ станува збор за сиромашен „уметник-камикази“, кој се прехранува од своите дела, но не на традиционален начин.

Покрај оваа голема награда, „Денот на крвавите непца“ е носител и на шест други признанија, меѓу кои Наградата на Унијата на бугарските филмски дејци на Меѓународниот фестивал на анимиран филм во Варна, наградата „БГ Видеохолик“ на фестивалот „Видеохолика“ во истиот град и награда од специјален фестивал за филмови правени на смартфон во Торонто.